Македонската фудбалска репрезентација на новата ФИФА ранг листа направи скок од 14 позиции и моментално се наоѓа на 75 место. Најдобриот пласман на Македонија на ранг листата беше во 2002 година кога се наоѓаше на 46-та позиција, а тогаш селекторот беше Словенецот, Среќко Катанец.
Ваквиот напредок се должи на двете врзани победи против Велс во квалификациите за Светското првенство во Бразил и Бугарија во пријателскиот натпревар на „Филип Втори“, а последниот пораз од Шкотска не влијаеше во бодувањето на „рисовите“.
Но, она што загрижува е падот на Македонија на петтото место во групата за мундијалот во Бразил 2014 година. До крајот „црвено жолтите“ имаат две тешки гостувања во Велс и Србија по кои лесно може да се случи Македонија да го заземе фенерот во групата.
Ако се случи ова сценарио избраниците на селекторот Чедомир Јаневски ќе имаат пад на ранг листата и во квалификациите за Европското првенство 2016 година ќе имаат далеку поквалитетни ривали во групата.
Мх.П.