Советот на Општина Охрид на денешната 55-та вонредна седница донесе одлука за одобрување на финансиска помош во износ од 1.000.000 денари за семејствата на настраданите и повредените лица во пожарот во Кочани од 16.03.2025 година.
Седницата започна со едноминутен молк со кој советниците и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков оддадоа почит на загинатите лица во несреќата.
Вкупната поддршка која Општина Охрид ќе ја исплати на семејствата на настраданите во пожарот е еден милион денари. Општина Охрид ќе ја упати финансиската помош на сметката за солидарна помош при Црвениот крст на Македонија. Финансиските средства ќе бидат исплатени од Буџетот на Општина Охрид и истите се дел од резервите. Пренамена има само на 200 илјади денари од организацијата на Ифтарската вечер. Во договор со Исламската верска заедница со која Општина Охрид традиционално години наназад одржува Ифтарска вечер се договоривме оваа недела да нема организација на истата и средствата да бидат пренаменети и дел од оваа поддршка, истакна Пецаков.
Воедно, во лично име и во името на граѓаните на Охрид упати најдлабоко сочувство до семејстата на настраданите, а на повредните им посака побрзо оздравување.
Да бидеме сплотени и солидарни и заедно да ги надминеме последиците од оваа голема трагедија. Охрид како град најмалку што може да направи е оваа финансиска помош. Не само инстутиционално, туку и поединечно како што можеме би помогнале во процесите кои ќе се следат, а се потребни за поддршка на градот Кочани, додаде градоначалникот Пецаков.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска