Загадувањето на езерото со фекален и комунален отпад, урбаната деградација на централното градско подрачје и неконтролираното зголемување на пловните објекти во езерото, сериозно го загрозуваат статусот на Охрид во УНЕСКО, предупредува еколошкото друштво „Грашница“.


Колекторскиот систем на Охридското Езеро подолго време не функционира, особено на потегот на Грашница, и пумпните станици во Далјан и Подмолје, од каде нистекуваат води кои директно го загадуват  езерото. Продолжува и загадувањеото со комунален отпад и фекалии од реките кои се влеваат во  Охридското Езеро, истакна Борче Стојаноски, претседател на ЕД “Грашница“.

Тој предупреди и на  нарушување на крајбрежјето со хотелски капацитети и кампови, а посебен проблем според него претствуваат и плажите кои се издадени под концесија. Крајбрежјето се деградира со изградба на камени огради, разни прегради и навлегување во езерото што според закон е недозволиво, рече Стојаноски


Тој посочи дека во меморандумот за прием на Охрид во УНЕСКО, тогашните надлежни органи се обврзале дека урбанизацијата на крајбрежјето на Охридското Езеро ќе биде помала од 60%, но очигледно тоа не се почитува, а забележлива е и прекумерна градба во старото градско јадро, подвлече Стојаноски.

Според него проблем претставуваат и многуте пловни објекти во езерото чиј број од година во година неконтролирано расте. „Овие објекти кои користат течни горива сериозно го загрозуваат опстанокот на езерото кое е затворен систем и не може да трпи толкаво загадување, а проблем претствуваат и некои бродови кои користат стари мотори“, рече Стојаноски. Тој кажа  дека мора да се изнајде начин да се намали загадувањето на езерото затоа што  при евентуална нова посета или мониторинг од УНЕСКО Охрид може да биде избришан од листата на заштитено светско културно и природно наследство.



Досега се извршени две посети од експерти на УНЕСКО во 1998 и 2006 година при што е укажано на дел од овие аномалии, но впечаток е дека и централната и локалната власт како да не ги согледуваат овие проблеми, додаде Стојаноски.

Ohridnews