Еколошкото друштво „Грашница“, со соопштени до медиумите реагира на алармантната состојба во која , според нив, се наоѓа колекторот на Охридското Езеро:
„Согласно Архуската конвенција за пристап до информациите и состојбите од областа на животната средина, сакаме да ја информираме јавноста за дел од актуелните состојби околу заштитата на Охридското Езеро.
Последните врнежи изнесоа на виделина некои проблеми како следните:
1. Веќе подолг период колекторскиот систем на одредени потези не функционира, односно фекалии се излеваат во езерото на повеќе локации во градското подрачје: кај р. Грашница (десетина шахти и бајпасот кај стадионот), пумпните станици “Далјан”и”Подмолје”. Пумпните станици во одредени периоди се комплетно исклучени или работи само една од вкупно четирите пумпи.
2. Во сливното подрачје сите помали и поголеми водотеци, а пред сè реките Коселска и Грашница, кои го носат во езерото целиот комунален и друг отпад кој неконтролирано се исфрла во и околу нивните корита. Сèуште постојат селски населби како Орман, Лакочереј, Вапила и други каде што отпадот од домаќинствата воопшто не се собира.
3. Од несовесни граѓани, никнуваат депонии дури и во централното градско подрачје, а локалитетот Мауцкер, пред очите на сите прераснува во алтернатива на депонијата Буково.
4. Јавноста останува во дилема дали водата од Билјанини извори е исправна за пиење. Во водата, периодично се појавуваат бактерии од фекално потекло, најчесто по обилни врнежи. Заради тоа потребно е да се забрза со канализирање на отпадните води од населбата Рача и нивно вклучување во колекторскиот систем.
Ги повикуваме надлежните државни и локални субјекти, да ги забрзаат активностите околу решавање на овие горливи проблеми. Од друга страна државните и локалните инспекциските служби да бидат постојано на терен, таму каде што се проблемите. На тоа всушност ги обврзуваат законите за јавна чистота и за животна средина“, се наведува во соопштението на ЕД „Грашница“.