Во рамките на овогодинешното 49-то издание на фестивалот Охридско лето, за прв пат во Македонија настапува познатиот приватен театар од Босна и Херцеговина “EAST WEST CENTER“, со претставите “Нора” и “Класен непријател” во режија на Харис Пашовиќ. Драмскиот селектор на фестивалот Ѓорѓи Јолески на прес конференцијата одржана на 19.07., изјави дека е голем  ексклузивитет  еден од најзначајните  приватни театри “EAST WEST CENTER“  да учествува во рамките на фестивалот. За нив вели дека се театар со моќна актерска екипа која може да се мери со актерските екипи од целиот свет. Театарот EAST WEST CENTER“ може да се пофали со бројни успеси и награди постигнати низ целиот свет.
  
Познатиот режисер Харис Пашовиќ за театарската претстава “Нора” од норвешкиот писател Хенрих Ибзен изјави дека претставата е со модерна димензија и современ контекст во која што актерите изгледаат како да се поставени на една манекенска писта. Во неа се опишува поединецот кој се бори со сопствените проблеми во љубовните врски, бракот, разводите, амбициите, семејството, а посебно е застапена темата за еманципација на жената. Поединецот претставен како да е растргнат помеѓу надворешниот свет и потребата за осознавање на сопствениот внатрешен свет. Драмата е напишана во 1879 година и поминала огромен уметнички период од надреализам до постмодернизам. Драмата “Нора” кажува дека ослободениот поединец е осовата на здравото општество.
  
Претставата “Класен непријател” е според прочуениот текст на Нејџел Вилијамс, а во адаптација на Харис Пашовиќ. Самата претстава го опишува системот на средното образование, воспитувањето на младите генерации и нивното соочување со криминалот. Пашовиќ текстот го адаптирал така што дејството се одвива во едно од средните училишта и навлегува во сржта и проблемите од денешницата.Од актерите опишана е како енергична драма, полна со вулгаризми во духот на средношколците денес. Во двете претстави учествува истата актерска екипа која многу успешно се трансформира.
  
Претставата “Нора” на репертоарот на Охридско лето е закажана вечерва во предворјето на црквата Св.Софија со почеток во 21 часот, а “Класен непријател” е закажана на 21.07. во основното училиште Св.Климент Охридски со почеток во 21 часот.

Ohridnews