Од Центарот за јавно здравје информираат дека во периодот од 26-ти до 28-ми јуни, зависно од временските услови, ќе се спроведе првата адултицидна дезинсекција (уништување на возрасни комарци).

Со оваа теристичка дезинсекцја (од земја) ќе се третираат охридското крајбрежје на потегот од село Подмолје до комплексот Св. Наум, територијата на град Охрид, потегот на река Грашница, Коселска река, река Сатеска, локалитети со застојани водени површини–Белчишко блато и урбаните населби во општина Дебрца. Планирани се уште две адултицидни дезинсекции кои ќе се спроведат во текот на јули  и август.

Со цел што поефикасно третирање и справување со комарците, Центар за јавно здравје Охрид и Центар за јавно здравје Скопје на 20-ти јуни, на соодветни локации во Охрид, ќе постават мамци за ловење на комарци со цел одредување на квалитативниот состав и докажување на евентуално присуство на инвазивните комарци на територијата на град Охрид.

Во таа насока Центар за јавно здравје дава соодветни препораки до населението за заштита од комарци:

Препораки за заштита од комарци:

  • Елиминација на гнездата за размножување: да не се оставаат отворени буриња, канти, контејнери, пловни објекти (чамци, кануа) и стари гуми по дворовите во кои може да се собира дождовница, а олуците редовно да се чистат за да се овозможи на водата; зависно од врстата на комарците доволна им е капка вода за да се размножуваат;
  • Заштита од каснување: носење на соодветна облека со ракави и примена на репелентни средства во облик на лосион, аеросол спреј или крем на кожата за да ги одвратат комарците и да се избегне нивното “хранење со крв” (крвта од организмот служи за развој и исхрана на новите ларви на комарците);
  • Користење на миризливи свеќи како репелентни средства во надворешни услови (градина, двор). Овие производи се користат само во услов кога има минимални движења на воздухот;
  • Инсталација на заштитни мрежи на вратите и прозорите во домот;
  • Поставување на куќички за птиците во дворовите или парковите (птиците се еден вид природни предатори на комарците). Секако дека намалувањето на популацијата на комарците е помалку ефикасно, бидејќи комарците се најактивни во вечерните часови кога птиците се помалку активни;

Согласно Акциониот план за ставање под контрола на вектор преносливите  заболувања на територијата на општините Охрид и Дебрца, од страна на ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид во текот на мај и април беше извршена ларвицидна дезинсекција за уништување на комаричните ларви на водените површини во месноста Далјан, на потегот од Андон Дуков до Подмолје, Студеничко блато и  Белчишко блато.

OhridNews