Со полагање свежо цвеќе на спомен обележјето на градскиот кеј, се одбележа годишнината од бродската несреќа во која загинаа 15 бугарски туристи.
Почит на загинатите им оддадоа заменик-градоначалникот Ристо Николески, амбасадорот на Република Бугарија во Република Северна Македонија Ангел Ангелов и генералниот конзул Димитар Иванов, како и претставници на Капетанијата на пристаништата, Здружението 5 септември, политички партии и здруженија на граѓани.
На одбележувањето беа презентирани и скици од новиот споменик, кој е изработен во Бугарија, според идејно решение на охриѓанецот Никола Сметеновски, дипломиран архитект вработен во ПСО при локалната самоуправа.
Како што објаснува авторот, скулптурата која е наречена „Солзата на Роза“ ја претставува симбиозата и силната врска помеѓу физичкото и духовното, минатото и иднината, тагата и радоста, стариот и новиот живот.
- Силата на енергијата која постојано ја менува формата и обликот, но никогаш не ја губи силата и секогаш останува тука. Има изглед на капка која се дели на два дела, од кои едната оди надолу и симболизира солза, а другата оди нагоре и е нов почеток испарување на водата. Страничните изгледи ја претставуваат бесконечноста. Во капката се испреплетени и 15 рози кои ги симболизираат 15 бугарски државјани кои го загубија животот во бродската несреќа, а потекнуваат од место во Бугарија каде се произведува познатата бугарска роза, објаснува Сметеновски.
Скулптурата е изработена од ковано железо, оксидирано, па премачкано со лак, а самата боја изгледа како железо кое е извлечено од вода по изминати десет години.
Скулптурата ќе биде поставена по донесувањето на одлука на Советот на општина Охрид и усвојувањето на петгодишниот план за споменици и спомен обележја.
OhridNews