Преквалификација на административните службеници и субвенции за приватниот сектор за преземање вработен од јавната администрација. Ова ќе бидат дел од мерките со кои државата ќе се обиде да го намали бројот на вработени во преобемната администрација, каде според податоците на Министерството за информатичко општество и и администрација сега работат 132 000 лица, или околу 3000 повеќе од минатата година. Дополнително околу 10 000 лица работат во јавните претпријатија и акционерските друштва со државен капитал.

Министерството за информатичко општество и администрација, денеска организираше втора јавна расправа за измени на Законот за вработени во јавен сектор и Законот за административни службеници. Како што истакна министерот Манчевски, целта со измената на двата закони заедно со останатите реформи во јавната администрација е да се промени климата за работа на јавната администрација, законите да одговараат на реалната состојба, и да резултираат со регрутација на квалитетен административен кадар.

Основни цели на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за вработените во јавниот сектор се подобрување на ефикасноста и ефективноста во управувањето со човечките ресурси, проширување на работните места во јавниот сектор, дефинирање на постапки за вработување, унапредување, дисциплинска одговорност и управување со ефект, ревизија на опфатот на законот, нов концепт за донесување на годишниот план за вработување, односно секторски и индивидуални планови за вработување, дорегулирање на постапките на мобилност и разграничување на надзорот над одредбите од овој закон., информираше министерот Манчевски.

Манчевски се осврна на унапредувањето на моделот на вработување и управување со учинокот темелени врз компетенции, воведување на пробната работа, поедноставување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, дополнително мотивирање на вработените кои работат на реформските приоритети и унапредување на работата и стручните капацитети на администрацијата.

OhridNews