Состојбата со Ковид-19 во земјава внимателно се следи, а доколку постои можност, ќе се предлага постепено релаксирање на мерките, сметаат надлежните. Тие остануваат посветени на интензивирање на кампањата за вакцинација, а во меѓувреме се очекува на следната владината седница да се одлучи за препораките предложени од Комисијата за заразни болести.
Членовите на Комисијата за заразни болести вчера на средбата ја разгледуваа актуелната епидемиолошка состојба и дискутираа за интензивирање на кампањата за вакцинација против Ковид-19, преку пласирање научно проверени информации преку социјални мрежи и медиуми, со цел соодветно да се информира и едуцира јавноста за безбедноста и ефикасноста на вакцините.
Од Министерството за здравство пак, сметаат дека иако е мирна ситуацијата, луѓето треба да бидат свесни дека вирусот е присутен.
Според нив, вакцинацијата е најбезбедниот начин за спречување на тешка форма на болест, хоспитализација и смртен исход.
Во следниот период пак, се очекува Владата на седница да донесе одлука за препораките во однос на ковид мерките што ги предложи Комисијата за заразни болести на последниот состанок.
Сите предлози и препораките на Комисијата за заразни болести ќе се разгледаат на наредниот состанок на Централниот координативен штаб за кој се очекува да заседава деновиве. Потоа записникот од Штабот треба да биде усвоен на наредната владина седница. Очекуваме на наредната владина седница да биде усвоен записникот од Централниот координативен штаб, односно дали ќе се прифатат или не сите препораки на Комисијата за заразни болести, најави вчера владиниот портпарол Муамет Хоџа.
Комисијата минатата недела на седница препорача за децата во основното образование да не биде задолжително носењето на маски, како и да не биде потребен сертификат за вакцинација или за прележан Ковид-19 за посета на отворените делови и терасите на угостителските објекти.
OhridNews