Државава има потенцијал за изградба на три луксузни ски центри по сите светски стандарди и тоа на Јабланица кај Струга и Вевчани, на Бушова планина, кај Крушево и Македонски Брод и на Караџица, кај Сопиште и Студеничани, информираше денеска на прес – конференција в.д. директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Дејан Павлески, заедно со Даниеле Костантини, консултант, експерт од Италија.

Целта на овој проект е да го стимулира и да даде силен импулс за развој на домашниот туризам и економија, но и да ги отвори  вратите за љубителите на природата и авантуризмот од Европа и целиот свет. Идејата е овие новите туристички центри да се користат од страна на посетителите во текот на целата година, а не само во зимските месеци, истакна Павлески.

Прелиминарните процени се дека овој проект би чинел помеѓу 700 и 800 милиони евра, а опфаќа изградба на три нови туристички села, на овие три локации, кои би содржеле вкупно 16 луксузни хотели со четири и пет ѕвезди, ресторани и околу 130 планински куќи со капацитет од над пет илјади легла, појасни Павлески, нагласувајќи дека особено ќе се води грижа за заштита и унапредување на животната средина.

Додаде дека ќе бидат изградени и жичарници, ски лифтови и над 180 километри алпски скијачки патеки, како и велосипедски и авантуристички патеки.

Вкупната инвестиција за Јабланица би била околу 320 милиони евра. Должината на скијачките патеки е предвидено да биде 85 километри, 21 километар скијачки лифтови и два резервоари каде ќе се произведува снег. Предвидено е изградба на 10 хотели, од кои шест би биле со четири ѕвезди, а другите по пет.

OhridNews