Не постои опасност од поплавување на Охрид, изјави денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Селиу.

– Ние будно го следиме нивото на Охридското Езеро и сегашната состојба не претставува опасност по градот Охрид бидејќи населените подрачја се наоѓаат еден метар повисоко од езерото, истакна Селиу, кој од вчера е во Охрид. Тој истакна дека екипите на Дирекцијата за заштита и спасување се подготвени да интервенират во случај да дојде до излевање на езерото, иако како што рече, не се очекува нешто такво.

Позагрижувачка состојбата е по течението на реката Дрим, чиј водостој исто така е зголемен. Екипи на Дирекцијата, јавни претпријатија и на Македонија пат синоќа интервенираа во близина на селото Луково каде дојде до излевање на вода на регионалниот пат Струга – Дебар. Таму се поставени неколку илјади вреќи со песок, а состојбата и натаму внимателно се следи.

Ohridnews