Отсуството на систем за управување со јавни инвестиции и непреземањето на корективни мерки предизвикуваат застој и бавна динамика на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, зголемени трошоци за реализација на проектите и високи фискални ризици за јавните финансии, како и ризик за економијата и животот на граѓаните.

Ова се резултатите од ревизијата на успешност на тема „Реализација на капиталните инвестиции финансирани преку Буџетот на Република Северна Македонија, ЕУ фондови и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа“ која ја спроведе Државниот завод за ревизија (ДЗР) согласно Годишната програма за работа за 2023 година.

Меѓу наведените проекти е и проектот за изградбата на Автопат 2 патна делница Кичево Охрид.

За изградбата на Автопат 2 патна делница Кичево Охрид вредноста на договорот за градба со анекс бр.3 е проценета на 589 милиони евра, а првичната вредност изнесува 411 милиони евра. Проектот и после 10 години не е завршен, а финансиската реализација изнесува 466,4 милиони евра. Рокот за завршување на проектот е изминат на 31.12.2023 година, и постои голема неизвесност од настанување на високи правни и финансиски ризици поврзани со текот на овој проект, наведуваат од ДЗР.

Во април 2024 година донесен е Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци-Штип и патна делница Кичево-Охрид 1, согласно кој ќе се склучи Анекс бр. 6 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево-Охрид со краен рок за градба 31.12.2026 година.

Министер за транспорт и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во „Тема на денот“ на Сител телевизија, одговарајќи на прашањето кога ќе се изгради автопатот Кичево – Охрид  потенцираше дека не сака да дава рокови, но во нивната програма е наведен рокот до крајот на 2026-та година, што мисли дека е реален.

Ќе се залагам рокот за завршување на автопатот Кичево – Охрид да биде пократок. Ќе направам се заедно со мојот тим и заедно со новиот директор на ЈП за државни патишта, бидејќи сметам дека постојниот нема капацитет да го води тоа претпријатие. Она што го знам и како мое сознание и што го видов во министерството, бидејќи ова беше првото нешто што го побарав од вработените е дека имаат три проблеми, првиот проблем е со изведувачите, еден несериозен однос. Вториот проблем е имотно правни прашања односно прашањата на експропријација. И третиот проблем е проблем со свлечиштата или т.н. косини, рече Николоски.

Посочи дека видел една катастрофална постапка на проектот односно практично ништо не се работело.

Испратив писмо до сите институции кои што се поврзани со министерството за транспорт вклучувајќи го и ЈП за државни патишта каде што барам написмено да ми дадат извештај до каде се со реализација на проектите и зошто проектите се закочени, појасни тој.

Автопатската делница Кичево-Охрид на Коридорот 8 почна да се гради во февруари 2014 година.  Причина за последното пролонгирање на рокот за изградба беа 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница и потребата од дополнително проектирање на технички решенија.

Н.С.Ј.