Најголемиот дел од материјалните средства на ЈП за државни патишта или 46% од нив (55.048.838 илјади денари), се материјални средства во подготовка, кои се однесуваат на изработка на проектни документации, извршени експропријации, изградби, реконструкција и рехабилитација на државните патишта и нивен надзор. За дел од овие средства се утврди недостаток на системски и аналитичен пристап и недоволна подготвеност при планирање, проектирање, градење и реконструкција на патни делници низ државата, што предизвикало зголемување на вредноста на склучените договори и пролонгирање на рокот за изградба/реконструкција на делниците, покажале резултатите од ревизијата на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеност на ЈП за државни патишта, за 2022 година што ја направил Државниот завод за ревизија.
При тоа, констатира ДЗР, поради појавени непредвидливи и дополнителни работи биле направени измени и дополнувања на основните проекти – варијации, чии број се движи од една до 42 промени соодветно по проекти, како и продолжувања на рокот за градење на делниците од осум месеци до шест години.
Најмногу варијации, најголемо продолжување на рокот и зголемување на вредноста на договорот од 45% (187 милиони евра) има кај изградбата на патната делница Кичево – Охрид.
Според износот на инвестирани средства и должината на патната делница која се гради, најголем проект, претставува изградбата на патната делница Кичево – Охрид, чија должина изнесува 56,7 km, а чиј износ заклучно со декември 2022 година изнесува 31.597.364 илјади денари (приближно 512 милиони евра), односно за изградба на 1 km од оваа патна делница, до крајот на 2022 година инвестирани се 557.273 илјади денари (приближно 9 милиони евра). До ноември 2023 година инвестираните средства достигнуваат износ од приближно 575 милиони евра, се вели во денешното соопштение од ДЗР во врска со извршената ревизија.
И покрај дополнителен заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за 6 години и зголемување на вредноста на договорот за 45%, констатира Државниот завод за ревизија, делницата Кичево – Охрид не е изградена.
Во мај 2014 година започнала изградбата на патната делница Кичево – Охрид. За таа цел во јануари 2014 година, склучен е договор за заем помеѓу банка од НР Кина (заемодавач) и ЈП за државни патишта (заемопримач) во износ од 505 милиони долари, а во декември 2019 година, склучен е договор за дополнителен заем во износ од 180 милиони долари, при што вкупното задолжување за овој проект изнесува 685 милиони долари. Од спроведениот теренски увид ревизорите констатирале дека најголем дел од делницата е трасирана, изградени се 25 вијадукти, при што различни делници се во различна фаза на изградба. Основни причини за забавената динамика за изградба на патната делница Кичево – Охрид се наведуваат: недостатоците на проектот, задоцнета експропријација поради нерешените имотно правни односи, потребата од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти, одобрување на нови одлагалишта на земја, како и недоволен број на технички кадар, механизација и опрема обезбедени од изведувачот (подизведувачите), велат од ДЗР.
Оттаму, додаваат и дека до денот на завршување на ревизијата на прва, втора и четврта подделница на делницата Кичево – Охрид се појавиле 11 нови свлечишта, а можни се и нови, кои дополнително влијаат на потреба од нови варијации за надминување на состојбите, пролонгирање на рокот на нејзино завршување и исплата на дополнителни финансиски средства.
OhridNews