Љубителите на театарот во Охрид денеска ќе имаат можност да проследат две претстави.

Во Центарот за култура со почеток во 19 часот Малиот драмски театар од Битола ќе ја изведе претставата „Столови“, а во 21.30 часот Градскиот театар од Охрид ќе ја одигра претставата „Валкани приказни“.

Мал драмски театар – Битола, чествува 2 годишен јубилеј. Прославата месњецов ќе се одбележи со настапи во Сараево, Белград, Врача, Скопје, Охрид, Прилеп и Битола.

Во претставата „Столови“ од Е.Јонеско во режија на Љупчо Ѓоргиевски( што вечерва ќе биде одиграна во Охрид, настапуваат доајенот на македонскиот театар Јоана Поповска и врвниот бугарски актер Анастас Попдимитров.

Во своите две години постоење Мал драмски театар – Битола реализира вкупно 12 премиери (Граница, Валкани приказни, Друга страна, Виктор, Љубов моја во 2009 и Црвено, Спиноза, Среќни денови, Госпоѓа А, Дневникот на лудиот, Сребрена свадба и Столови во 2010) и се стекна со 8 интернационални награди.


„Претставата „Валкани Приказни“ на публиката и нуди мешавина на современиот свет. Распадот што се случува во општеството достига на сцената. Оваа компилација е своевидна деконструкција на сексот и насилството. Трите лика се маргиналци (иако млади, веќе се губат во џунглата на светот, а нивното барање на сопствениот идентитет е залудно скитање), кои достигаат на јавната сцена, и слободно им говорат на младите генерации театарски гледачи. Бруталноста и вулгарноста тука се во функција на естетски категории, како еден вид хипер-реализам. „Валкани Приказни“ е чист и девствен театарски чин, кој може да се сублимира како приказ на суровата вистина.

Оваа претстава ја освои втората награда на интернационалниот театарски фестивал „Експонто“ во Љубљана, Р. Словенија, а исто така има учествувано и на интернационалниот фестивал „Аполониа“ во Фиер, Р. Албаниа. „Валкани Приказни“ гостувала и на репертоарот на Драмски театар во Скопје како и во други градови ширум државата.

Претставата „Валкани денови“ е во режија на Софија Ристеска, а улогите ги толкуваат:  Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски и Адријана Билаловиќ.

OhridNews