Триесетина деца од неколку основни училишта од Македонија беа дел од зимскиот камп организиран во Маврово од Проектот „Заедно за Европска Македонија“ финансиран од Кралството Норвешка, раководен од Секретаријат за европски прашања.
Семинарот е дел од проектот за двојазичност за зближување на учениците Македонци и Албанци. Со проектот се опфатени повеќе од 25 основни училишта во кои посетуваат бесплатни курсеви по англиски јазик, компјутери и граѓанско образование. Групите бројат најмногу 15 ученици кои се од мешан етнички состав, Македонци и Албанци и кои наставата ја држат заеднички билингвално или трилингвално, онаму каде има Турци.
„Курсевите се бесплатни и се прилагодени на возраста на учениците. Новите зборови од англиски јазик се објаснуваат со познати англиски синоними, а потоа истовремено се преведуваат на македонски и албански јазик. Во зависност од јазикот на кој ученикот му се обраќа на наставникот,тој најпрво одговара на тој јазик, па веднаш потоа и на другиот јазик. Сличен е примерот и со курсевите по информатика“, изјави Дејан Петкоски од Проектот „Заедно за Европска Македонија.“
Овој мултиетнички концепт нуди алтернатива на меѓуетничките конфликти и тензии во образовниот систем во Република Македонија како мултиетничка држава, зближувајќи ги младите независно од нивната етничка, верска и друга припадност.
Паралелно со неформалното бесплатно образование по странски јазици и компјутери, дел од учениците посетуваат настава по граѓанско образование и толеранција. Курсевите се организирани од сертифицирани тренери од реномирани домашни и меѓународни институции како Советот на Европа.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com