Во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, денес, попладне, се одржа настан во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура Блаже Конески, што е дел од календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од страна на УНЕСКО.

По тој повод, со видеопорака се обратија претседателот на државата Стево Пендаровски и министерката за култура Ирена Стефоска.

Со овој настан во седиштето на УНЕСКО, нашиот заеднички дом на културата, се оддава признание за удделот на великанот, македонскиот поет Блаже Конески во изградбата и афирмацијата на културата во нашата земја. Истовремено тоа е омаж за универзалните дострели на поезијата и на разлличностите. Песните на Конески се читани на многу светски јазици, затоа што поетскиот збор не познава граници. Овој чин ја поставува поезијата на местото кое и припаѓа и го заслужува. –  рече мегу другото, министерката Стефоска.

Настанот е дел од Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески”, што се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски и Министерството за култура, а во соработка со Министерството за образование и наука.

Со организирањето на овој настан, се враќа некогашната традиција со која одбележувањето на Светскиот ден на поезијата и соопштувањето на добитникот на „Златен венец“, највисокото признание на Струшките вечери на поезијата, како и на добитникот на „Мостови на Струга“, награда за најдобра дебитантска поетска книга под покровителство на УНЕСКО, се реализираат токму во Париз, во седиштето на оваа престижна Организација за образование, наука и култура при Обединетите нации.

Како што соопшти денеска во Париз амбасадорката на С. Македонија во Франција, Јадранка Чаушевска-Димов, добитник на наградата Златниот венец на Струшките вечери на поезијата оваа година е британската поетеса и драматург Керол Ен Дафи.

OhridNews