„Ова беа мошне динамични две години, со напредок во сите сфери и големи вложувања од страна на Локалната самоуправа. И покрај одредени проблеми во процесот на децентрализација сепак инвестиравме во инфраструктура многу, а буџетот на Општината Охрид го зголемивме за 300 проценти“.

Вака ја оцени својата работа и работата на Локалната, градоначалникот Александар Петрески на пресот одржан во неговиот кабинет, а повод беше двегодишнината од преземањето на функцијата.


Петрески во разговор со охридските новинари

Новинарите од повеќе охридски медиуми најмногу ги интересираше до каде се започнатите, а недовршени инфраструктурни проекти како улицата „Железничка“, новата меѓуградска автобуска станица и (не)соработката помеѓу локалната и централната власт.

„Со дел од централната власт како нпр. Министерството за локална самоуправа имаме одлична соработка, а со дел – конкретно премиерот или да речеме министерот за финансии скоро никаква. Овој вториов (Т. Славески н.з.) е од Охрид и тој најдобро треба да знае каква е состојбата со „Железничка“ зошто таму живее брат му. Славески пред некој ден дури имаше трибина во зградата на Општината, а не дојде да се види со мене“ вели Петрески. „Сепак мислам дека ќе се најде решение за довршување на таа улица иако не е под наша надлежност. Потребни се околу еден милион евра за завршување на работите. Што се однесува до автобуската станица, главен проблем е тоа што земјиштето е државно. Нашата општина има најмалку свое сопствено земјиште од сите други во Македонија“ додаде тој.

Што се однесува до силно најуваниот предизборен проект “Галичица“, Петрески истакна проблемот е во тоа што општината нема надлежност бидејќи со терените на оваа планина располага државата. “Имаме сериозни инвеститори кои ги упатуваме до соодветните министерства“, рече Петрески. Тој напомена дека инвеститор од Германија е заинтересиран за Галичица, како и за авто кампот Андон Дуков за што понудил 100 милиони евра. Но повторно, рече Петрески, проблемот е во тоа што општината Охрид нема свое градежно земјиште.


Нема урбанистичка мафија, вели Петрески

На новинарско прашање како се справува Локалната со урбанистичката мафија, Петрески рече дека „две фирми кои градат незаконски – „Трудбеник“ и „Карадак“ не можат да бидат урбанистичка мафија“. Петрески рече дека не доаѓа во предвид одземање на ингеренциите на општината во сферата на урбанизмот. Тоа се наследени проблеми од времето кога со овој сектор раководеше државата и затоа локалната и централната власт треба заеднички да ги решаваат, рече Петрески.“Не се плашам од одземање на ингеренциите, сами ќе им ги дадеме, ама нема да ги земат зошто треба да ги решаваат проблемите, а тие не се мали“, рече Петрески.

Оценувајќи ја работата на Советот, охридскиот градоначалник рече дека оваа институција работело добро во изминатиете две години и дека таа е заслужна за успехот на општината еднакво колку тој и администрацијата. Сепак, рече Петрески во последните 5-6 месеци од формирањето на новото мнозинство Советот скршна од курсот и повеќе се занимава со политика и отколку со проблемите на гражаните, што не е добро, рече тој.

Петрески во разговор со охридските новинари, најави дека градот ќе ги преземе сите потребни активности за средување на инфраструктурата пред значајните политички настани и главната туристичка сезона. Петрески оценува дека многу од проблемите во Охрид можат да се решат со носење на Закон за Охрид. Во моментов имаме 6 пратеници од Охрид во Собранието кое наместо да ги штитат интересите на општината понекогаш се трудат што повеќе да ја оцрнат работата на градоначалникот и општината, рече Петрески.

И покрај позитивните аспекти од работата на градоначалникот во изминатите две години, факт е дека Општината сеуште има големи долгови, во урбанизамот постои хаос, а најавуваниот едношалтерски систем не го искорени бирократскиот пристап кон работата на општинската администрација. Петрески има уште две години од мандатот да поработи на решавање на овие, но и на серија други отворени прашања кои го засегаат обичниот охриѓанец.

С. Костоски
Г. Момироски