Бездомните кучиња кај нас делат тешка судбина. Отфрлени, изложени на надворешни влијанија и опасности, нивните животи најчесто завршуваат кратко и сурово. Веројатно таква судбина ги чекаше тешко повредените бездомни кучиња од охридските улици Бела и Мила. И двете со тешки повреди на задните нозе, поради што не можат да се движат без помош.
Благодарение на волонтерите од здружението за заштита на животните „Охрид Стрејс“, Бела и Мила најпрвин беа згрижени, а потоа и вдомени во странство.
Бела ја спасивме во јануари 2020, лежеше неподвижна на среде улица удрена од кола, додека Мила ја најдовме неколку месеци подоцна, со иста повреда. И Бела и Мила беа под закрила на нашето здружение – „Охрид Стрејс“, ја добиваа потребната ветеринарна грижа, ги вакциниравме, прочистивме, стерилизиравме. Потрагата по дом знаевме дека ќе е тешка, но не и невозможна. – вели волонтерката Анастазија Димзовска.
Малата Мила брзо ги освоила срцата на Сара и Вејн од Англија, па сега ужива со останатите седум нивни кучиња кои се исто така вдомени. Бела за разлика од Мила, чекала една година да добие шанса за среќен живот.
Прекрасната организација „Miracle Mission“ од Англија предводена од Викторија се понуди да помогне, и за брзо веќе собиравме средства за Бела да замине во привремен дом кај Дебие и нејзината фамилија. Сега Бела и Мила го живеат својот втор живот, пресреќни и пресакани. Двете имаат колички во кои што трчаат, играат и се забавуваат на плажите со нивните фамилии. Дебие одлучи да ја посвои Бела и тоа беше една од најсреќните вести за целиот наш тим кој со месеци се грижеше и трудеше нивната приказна да има среќен крај. – истакна Димзовска.
Бела и Мила се вистинска инспирација како животот може да биде убав без разлика каков хендикеп имаш, велат волонтерите од „Охрид Стрејс“.
OhridNews