Во рамки на холандскиот филмски фестивал „Високи достигнувања од ниската земја“, вечерва со почеток во 21.30 часот во дворното место пред дирекцијата на „Охридско Лето“ во Охрид, ќе бидат прикажани долгометражниот филм „Кармен го сретнува Борат“ и краткиот филм „Песок“.

„Кармен го сретнува Борат“ е филм во режија на Мерцедес Сталенхоф. Станува збор за смешен и забавен филм снимен во Романското село Глод, каде што Саша Барон Коен го снимаше Борат. Што мислат селаните за филмот, како тие се гледаат себеси, како тие го доживуваат Борат? Некои се веќе подготвени да одат во големиот Свет и да го тужат Борат и “20 Century Fox“ и да бараат милиони долари отштета. Дали ќе успеат? Филмот доби Гранд При на Филмскиот фестивал Порака до Човекот (Message to Man) во Русија.


20 минутниот филм „Песок“ во режија на Јост ван Гинкел е уверлива и романтична приказна за еден камионџија и неговата ќерка, кои го сакаат допирот на песокта. Лук изгледа како добар татко на својата ќерка Изабел. Но дали е тоа вистината?   

Проекцијата на филмовите е бесплатна. Посетителите ќе можат да разговараат во врска со филмовите со Рада Шешиќ, селектор на филмовите на холандскиот филмски фестивал „Високи достигнувања од ниската земја“, која ќе и се обрати на публиката пред нивната проекција.Филмската програма „Високи достигнувања од ниската земја“ е во организација на Промо центарот Јавна соба од Скопје, а поддржана од Охридско лето, Центарот за култура Глигор Прличев од Охрид, Министерството за култура, Холанд Филм и “Cultural Aid“.

Ohridnews