Денеска во Основниот суд во Струга продолжува судскиот процес против градоначалникот Рамис Мерко за набавката на автомобил „Ауди А6“ за потребите на Општина Струга и за поставено спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда.

Расправата за набавката на луксузниот автомобил почнува од почеток поради промената на судечкиот судија, кој на претходното рочиште побара време да ги разгледа списите за случајот. Тој судски процес почна во април минатата година, а Мерко се товари за злоупотреба на службена положба, поради набавката на четири моторни возила во вкупна вредност од околу 114.000 евра, меѓу кои луксузен автомобил „Ауди А6“, со што го оштетил буџетот на Општината спротивно на начелата на законитост и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка.

Денес треба да продолжи и судскиот процес за поставена плоча на влезот на општинската зграда. Мерко, како градоначалник на Општина Струга во март минатата година, поставил спомен обележје, со кое, според обвинението, поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја. На предлог на обвинителството одземен му е пасошот и треба еднаш неделно да се јавува во судот.

OhridNews