Повикот кој што го распишавме во месец септември за нови авионски линии ги дава првите резултати,  рече министерот за транспорт Александар Николоски на денешната прес конференција најавувајќи ги шестте нови авионски линии до скопскиот и охридскиот аеродром кои треба да донесат бројни нови туристи во Македонија и да го олеснат патувањето на нашите граѓани во странство.

Од 30 март 2025 година два пати неделно ќе се лета на релација Скопје – Дубаи – Скопје со „Флај Дубаи“, од 30 јуни 2025 годинас два пати неделно ќе се лета на релација Скопје – Барселона – Скопје, од 30 јули 2025 година три пати неделно ќе се лета Скопје – Лион – Скопје со што се отвора јужна Франција прв пат како дестинација, како и три пати неделно на релација Скопје – Штутгард – Скопје, со што се отвора западниот дел на Германија, а тука е и Франција, рече Николоски.

Од охридскиот аеродром два пати неделно ќе се лета на релација Охрид – Базел – Охрид, и можеби најзначајната новина за нашиот туристички бисер е летот на „Туркиш ерлајнс“ ќе почнува редовно да лета од охридскиот аеродром веќе од 30 март 2025 година на дестинација Охрид – Истанбул – Охрид. Што значи дека охридскиот аеродром го отвораме како дестинација кон најголемиот аеродром во Европа и аеродром кој што има најмогу конектинг летови, што ќе значи комплетно нова страница за  аеродрмот, истакна Николоски.

Посочи дека овие шест дестинации се директно поврзување со Дубаи, Барселона, со Штутгард, со Лион, со Базел и со Истанбул, и ќе донесат бројни нови туристи во Македонија, но исто така ќе овозможи и полесно патување за македонските граѓани.

Во процес сме на подготовка на втор повик кој што ќе се објави во наредните недели и кој што треба да донесе нови дестинации за што има интерес. Се надевам дека кон крајот на ноември или почеток на декември ќе можам да презентирам неколку нови дестинации кои што ќе летаат до охридскиот и до скопскиот аеродром, рече Николоски.

Додаде дека во моментов состојбата е таква што во летниот период од скопскиот аеродром се оперираат 47 дестинации, а од охридскиот осум, додека во зимскиот 38 од скопскиот и четири од охридскиот аеродром.

Со овие четири плус од скопскиот и две плус од охридскиот ќе се постигне нашата цел веќе во 2025 година да има 200 илјади патници плус на двата аеродроми, додаде Николоски.

Н.С.Ј.