Македонскиот поет Ристо Лазаров е добитник на две награди што го носат името на Петар Кочиќ: Кочиќевото перо за зимата 2019-та што се доделува за високи достигнувања во современата книжевност и приврзаност кон убавината на Кочиќевата мисла и збор – за книгата ,,Цедена“ објавена (во превод) од Задужбината Петар Кочиќ, како и не престижната награда КОЧИЌЕВА КНИГА, за целокупно книжевно творештво. Оваа одлука ја донесе писателското жири во состав: Никола Вуколиќ (претседател), Миљенко Јерговиќ и Младен Весковиќ.

За добитникот на Кочиќевото перо и Кочиќевата книга Ристо Лазаров, писателот Никола Вуколиќ вели:

  • Книгата песни ЦЕДЕНА на познатиот современ македонски поет Ристо Лазаров тематски и проблемски е разновидна, стилски и јазично врамннотежена, поетички и филозофски втемелена. Она што во песните на Лазаров посебно импонира е тезата дека зборовите се од светлосно потекло, па затоа нивната смисла не е во тоа да значат, туку да светат. Но, не затоа што за светлина ги нарекуваме нивните надворешни манифестации, нивните значења или звучења, или било што слично на тоа. Не поради тоа. Туку поради тоа што она што им е постоечко , е светлосно. Светлината во нив е поречита од зборовите. Затоа да се пее и да се светли е едно исто. Па така, тогаш, и поетот Ристо Лазаров, во песната Од дома до работа, може да пее вака, експлицитно и недвосмислено: Сега секое утро гледам/дека е можно од песната сонце да тече. Сонцето, значи, не доаѓа во песната однадвор, туку тоа е нејзината внатрешна суштина. Таа – песната – е оттаму, од сончево потекло и со тоа свое потекло, таа не значи, туку сјае и светли. Нејзините зборови, всушност, се вид магма на јазикот кој се слева низ нејзините сончеви брегови, како што би рекол Милош Црњански, Суштински гледано, поетот, пак, е древен demyurgos, создател , кој, со своето сегледачко и сѐсебезнаечко око, сѐ следи и сѐ гледа, од страна. Но, она што во оваа книга песни Ристо Лазаров не го остава недоречено, е некој вид археологија на зборовите. Имено, во песната Запад, наведува дека желбата на зборовите во песната  во суштина е слична на желбата на секое дрво: Секое дрво сака да е/повисоко од самото себе. Така и тие, зборовите, во песната како и тоа, дрвото, напросто изостануваат (ex-stasis) од самите себе.

Писателот Никола Вуколиќ посебно истакнува како што поетот во песната, суштински ги доведува во врска дрвото и зборовите, тој логично заклучува за таа нивна врска , на тоа наликување на зборот на дрво: Има и такви зборови. (Запад) – Зборови дрвени, како што помислува и на тоа дека има и ,,речити“ дрвја. И оттаму, всушност, произлегува и мислата за екстатичноста и на секој збор и на секое дрво: тој, зборот, така, екстатички, влегува во песната, како што исто така, значи на ист начин, и дрвото влегува во шумата. Екстатички. И оттаму, според него, доаѓа и песната, од таа најмоќна светлина на светот, која на сѐ му го дарува постоењето. Молњата е постоење. Па во врска со тоа може да се каже и ова: песната е постоење. И сѐ, сѐ што е од молња е постоење. Затоа и древниот мислител Хераклит, го рекол ова: Со сѐ заповеда молњата. А поради тоа и поетот Ристо Лазаров, во таа песна, Запад, вели рилкеовски: А и песната е постоење. И тогаш тука, во песната Запад, тој дефинитивно ја засновува и својата поетска вера: Зборовите во песните се/ набрекнати од молњи.

На тој начин Ристо Лазаров, речиси експлицитно, во збиурката песни Цедена говори за својата поетика, заснована и исцедена од длабоките поетски и филозофски темели на модерната европска поезија, како и за древните, антички поетски традиции и филозофии. За Ристо Лазаров може да се каже дека е писател со широк регистар на интересирање.

Денес Ристо Лазаров претставува едно од најзначајните имиња на нашиот книжевен простор. Мислам дека нема веќе никакво сомнение дека тој со својата целокупна, повеќедецениска книжевна работа, на најубав начин го одбележа изминатиот период во книжевноста. Едноставно речено, Ристо Лазаров создаде раскошно книжевно дело, по што е препознатлив и знаен. Блкагодарејќи и на својата проникливост и на писателскиот занает Ристо Лазаров го потврди својот книжевен углед и со тоа ја саслужи и овогодишната награда КОЧИЌЕВА КНИГА која се доделува за целокупно книжевно творештво, рече Никола Вуколиќ.

Наградите на свечен начин ќе бидат врачени на 20.12.2019 година во 12 часот во Вуковата задужбина во Белград, а за добитникот ќе говорат членовите на жирито Никола Вуколиќ, Миљенко Јерговиќ и Младен Весковиќ.

OhridNews