-На средбата го разгледавме планот за изградба на новото училиште, а на која од двете посочени локации тоа ќе биде станува да одлучи Министерството за образование, ни изјави градоначалникот Рамиз Мерко. Тој рече дека новото училиште ќе се гради таму каде што најбрзо ќе може да се реализира планот.
Мерко се сомнева дека изградбата на новата зграда може да започне до септември како што беше планирано и затоа се размислува за алтернативно решение за надминување на просторниот проблем во средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибрахим Темо“.
-Можно е во прво време да се постават времени објекти во кои ќе се одвива дел од наставата додека не се изгради новото училиште, рече Мерко.
Недостатокот на простор се смета за една од причините за меѓуетничките конфликти во струшките средни училишта, кои во изминатите две години кулминираа со масовни тепачки и бојкот на наставата. Со изградбата на новата училишна зграда ќе се создадат услови за реализација на јазичните смени, што според дел од родителите е клучен предуслов за смирување на меѓуетничките тензии.