Два инциденти помеѓу средношколци албанци и македонци се случиле денеска во заедничкиот двор на средните училита „Нико Нестор“ и Ибраим Темо“. Првиот инцидент се случил околу 9 часот кога група ученици нападнала друга група. Во тепачката две лица се здобиле со видливи повреди, соопшти МВР која на информативен разговор во полициската станица во Струга повикала двајца осомничени ученици.
Втората тепачка се случила околу 14 часот при што интервенирала полицијата. Училиштата сега се под полициско обезбедување и се прават напори за смирување на тензиите кои започнаа минатата недела.
На тепачките како што дознаваме им претходела жестока вербална расправија помеѓу учениците албанци и македонци кои се препукувале и преку интернет.
Поради загриженост од повторување на инцидентите, во консултација со локалната самоуправа директорите на двете средни училишта во Струга: „Нико Нестор“ и „Ибраим Темо“, донеле одлука за прекин на наставата во наредните два дена, со цел да се смират тензиите мечу учениците.
Горан Момироски