Полициски тимови од Охрид, Битола и Скопје заеднички работат на расфетлување на случај поврзан со сексуална злоупотреба на малолетни деца во Охрид. На гинеколошкото одделение при општата болница во Охрид во петокот било примено осумгодишно  девојче со обилно крварење, како последица од сексуално малтретирање. Лекарот кој го примил девојчето веднаш ја алармирал полицијата која три дена подоцна, во понеделникот, ги привела мајката и очувот на девојчето. Против него поднесена е кривична пријава за полов напад врз дете, но дознаваме дека постојат  сомневања дека повреденото девојче било сексуално злоупотребено од уште најмалку едно лице по кое се трага.

Сексуално злоупотребена била и сестричката близначка на повреденото девојче, која заедно со братчето, на интервенција на Центарот за социјални работи од Охрид  од понеделникот се згрижени во Домот за деца без родители 11 Октомври во Скопје. Повреденото девојче е задржано на лекување во охридската болница.

Децата, чиј идентитет од разбирливи причини не се открива,  наводно мајката и очувот ги донеле во Охрид за да работат на собирање отпад. Но, полицијата има други индиции, поради што случајот го следи Одделот за трговија со луѓе, односно за организиран криминал. Случајот  како што дознаваме бил пријавен и до Центарот за трговија со луѓе во Скопје, кој се  прогласил за ненадлежен бидејќи девојчињата биле помлади од 12 години. Дали децата биле жртва на трговија со луѓе и дали евентуално биле подведувани од сопствената мајка, треба да покаже истрагата која е во тек.

Помошник министерот за односи со јавност во Министерството за внатрешни работи, Иво Котески, за Ohridnews потврди дека МВР поднело кривична пријава за случајот, која официјално ќе биде објавена на 14.02.2008. Тој не информираше дека кривичната пријава ја поднел Одделот за организиран криминал од Скопје, а дека по предметот ќе одлучува Судот во Битола кој е надлежен за дела од организиран криминал. Жртвите како што информираше Котески се жители на Скопје.

Г. Момироски