Две малолетни деца биле спасени од давење на плажите во Охрид благодарение на навремената  интервенција на професионалните спасувачи на вода.

– Од први јули до сега имавме две интервенции за спасување на давеници. Во првиот случај се работеше за шестгодишно дете кај х. „Гранит“, а во вториот случај на плажата Славија беше спасено тригодишно девојче. Исто така до сега имаме и преку 100 интервенции на давање прва помош, од најобични до најсериозни случаи, ни изјави Сашо Точков од охридскиот Црвен крст.

Точков информираше дека до овој момент  спасители на вода имаат ангажирано осумдесет проценти од плажите на охридското крајбрежје, и само две на струшката ривиера, а останатите иако не ги исполнуваат безбедносните услови, работат.

Со дел од концесионерите секоја година е иста приказна и мора да им објаснуваме што е суштината од ангажман на спасители на вода, но она што е најбитно е тоа дека капачите ги чувствуваат придобивките од обезбедените плажи. Тие знаат колку им се битни спасителите и ги користат нивните услуги, а да не зборувам за странските туристи кои се обраќаат до нив и им кажуваат дека не се добри пливачи или дека имаат деца на плажата, што е суштина на целата работа, капачите да се безбедни на капалиштето.

OhridNews