По поставувањето на билборди и делењето на летоци на македонските граѓани кои предупредуваат дека судниот ден е 21 мај, ден кога ќе почне уништувањето на светот, полицијата привела две лица, јавува „Макфакс“.

По пријава на граѓанин, кој се почувствувал вознемирен од делењето на летоците за крај на светот, полицијата постапила и две лица повикала на информативен разговор минатата недела.

 “Лицата беа предупредени, им беше укажано дека ги вознемируваат граѓаните и подоцна беа пуштени од полиција. Доколку има и други пријави од граѓани кои се чувствуваат вознемирени, полицијата ќе постапи во согласност со своите ингеренции“ изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.


 Пред неколку дена во Охрид, Скопје, Струмица и други поголеми градови низ Македонија осамнаа вакви билборди со вознемирувачка содржина. Тие се дело на христијанската организација Фемили стејшн, попозната како Фемили Радио. Станува збор за секта од Њујорк која верува дека нивниот духовен водач со математичка формула ги открил кодовите и тајните на Библијата, како и пропаѓањето на светот за неколку дена.

OhridNews
извор:„Макфакс“