Ракометарите на Охрид, извојуваа нова победа во Супер лигата совладувајќи го тимот на Вардар Јуниор во Скопје со 28-23 (11-12) во петтата рунда од првенството во нашата земја.

„Гладијаторите“ во четвртиот триумф во петтиот меч сезонава покажаа две лица. Во првиот дел играа слабо, со многу технички грешки и промашени зицери во нападот, додека во второто полувреме заличија на себе и ги донесоа работите на своето место.

Првиот дел комплетно помина во знакот на младите „вардарци“. Од самиот почеток до крајот имаа водство кое со борба и со голема помош од Охрид го чуваа. Во еден момент разликата на семафорот беше четири голови 11-7 во корист на домаќините. Охриѓани со еден добар финиш намалија на пристојни 12-11.

Советите на тренерот Раде Стојановиќ на полувремето вродија со плод. Охриѓани во воведот од вториот дел измранија и констатно го притискаа ривалот. Вардар попушти после 40-тина минута игра кога Охрид уфрлија брзина погоре. „Гладијаторите“ поведоа со 18-17 и 19-18 и наговестија триумф во Скопје. Него го реализираа со 4-1 серија кога се одлепија на 22-19. Потоа следуваа неколку мини серии за 27-21. Вардар во финишот постигна два погодоци а Охрид еден за конечен резултат 28-23.

Охридските ракометари со четвртата победа ќе се зацврстат во врвот од табелата во Супер лигата и во победничкиот амбиент ќе го пречекаат дербито со Бутел Скопје на домашен терен.

OhridNews