Претседателот на ФФМ, Харалмпие Хаџиристески заработи две кривични пријави за злоупотреба и малверзации. Во првата пријава, МВР заедно со Хаџиристески за криминал со донацијата на столчиња од германскиот град Нинберг ги товари и Реџеп Беџети, Лазар Митрев и Амди Љатифи од ФФМ.


Фудбалската федерација на Македонија преку Град Скопје добила донација од 10.000 столчиња кои требало да бидат поставени на Градскиот стадион во Скопје, но наместо таму, биле „продадени“ на стадионот во Тетово, каде што за истата намена федерацијата добила финансиска помош од УЕФА. Парите од УЕФА биле оправдани со фиктивни документи за купување на седиштата од фирмата на синот на Реџеп Беџети. Од МВР велат дека станува збор за проневера од околу 100.000 евра.

Во исто време, претседателот на ФФМ доби уште една кривична пријава од финансиската полиција за затајување на данок, фалсификување и уништување деловни книги.


Заедно со Хари, кривични добија и поранешниот претседател на Ф.К. Победа А.З. (63) и Д.М. (74), Управител на друштвото фудбалски клуб Победа затоа што во периодот од 1 јануари 2005 година до 28 февруари 2010 година прикажувале лажни факти, незаконски пренасочувале пари, не поднесувале годишни даночни пријави и прикажувале невистини податоци во завршните сметки со што затаиле данок од државата од вкупно 15.5 милиони денари, а доверителите ги оштетиле за 12.1 милиони денари, така што присвоиле вкупно 27.6 милиони денари (450.000 евра).

Банкарската сметка на фудбалскиот клуб Победа е блокирана од 1995 година, па затоа здружението во 2001 година формирало нов правен субјект „Друштво фудбалски клуб Победа“ со нова банкарска сметка. Но, и овој правен субјект останал со блокирана сметка во 2003 година. Така осомничените за финансиски малверзации продолжиле да работат преку трет правен субјект- Пионерската школа Атанас Ламески од Прилеп.

Така, дваесет и четири милиони денари- пари што Победа ги добила од УЕФА во 2005 година, биле префрлени на сметка на пионерската школа. Тројцата пријавени парите ги извадиле од сметка и ги потрошиле за свои потреби, а доверителите кои чекале да си наплатат долгови останале со куси ракави оти не можеле да подигнат 12.1 милиони денари.

Исто така, со фалсификувани налози Харалампие и претседателот на клубот А.З. во период од 1 јануари 2005 година до 31 декември 2009 година подигнале од сметката на пионерската школа 55.8 милиони денари. Тие пари никаде не ги пријавиле- со што избегнале да платат данок од 15. 4 милиони денари.

Ohridnews