Во издание на Книжевното друштво „Куќа на поезијата“ (Hiša poezije) од Љубљана (Словенија) деновиве од печат излегоа две поетски збирки во една книга од Славе Ѓорѓо Димоски: „Извештаи на Рисот“ и “Јазик и леб“, а преводот и препевот го направи Лара Миховиловиќ.
Станува збор за двете последни книги на Ѓорѓо „Извештаи на Рисот“, 2016 и „Јазик и леб“, 2019 година во кои се претставува една поинаква поетика во однос на поетиката на неговите претходните книги – се провлекува линија на ангажирана поезија како одраз на актуелните состојби на модерниот свет во кој се живее во сенката на стравот и зканата, во несигурноста и исчезнувањето.
Метафората за исчезнувањето е Рисот, тоа животиче на високите гори чиј вид едвај се одржува и асоцира на нашето исчезнувањето под големиот плашт на глобализацијата, а во книгата „Јазик и леб“ како предмет на поетска обработка се јазикот и лебот како сушт да се опстане, да не се исчезне, да не се занеме зашто јазикот е апстрактниот и конкретниот знак кој го обележува идентиотетот на еден народ. „Оваа книга песни се опира на исчезнувањето на јазикот на кој тие се напишани. Сѐ дури се твори на еден јазик, дотогаш е жив.“
(М.Стефоски)
Книгата е објавена во едицијата Poetikonove Lire во која се објавени книги на повеќе класици и модерни поеи: Јејц, Еуџенио Монтале, Ив Бонфоа, Чеслав Милош, Махмуд Дарвиш, Томаж Шаламун, Иво Светина, Андре Велтер и др.
Оваа е дваесетта книга од Славе Ѓорѓо Димоски објавени надвор од Македонија, а одделни песни и поетски циклуси му се преведени на над 30 јазици.
OhridNews