Судот во австрискиот град Санкт Пeлтен му одреди двегодишна затворска казна на македонски државјанин кој преку социјалните мрежи го величал Хитлер, јави „Дојче веле“, пренесува „Телма“.
Пораката „Хитлер врати се“ на Фејсбук го испрати 26-годишниот Македонец на издржување двегодишна затворска казна во Австрија. Судската порота во градот Санкт Пeлтен на 7 април едногласно го прогласила за виновен за ширење нацистичка пропаганда, што е строго забрането во повеќе европски земји.
Македонецот, по занимање готвач, пред Судот се правдал дека не знаел оти вршел кривично дело. Тој се доселил во Австрија во 2013 година, а неговата сопруга Австријка веднаш го предупредила дека не смее во јавност да го покажува своето голо тело затоа што на градите имал истетовирано свастика. Македонскиот државјанин објаснувал дека свастиката не е нацистички, туку „македонски симбол“ со долга традиција кој се наоѓал и на археолошко наоѓалиште во Македонија и имал сосема поинакво значење. Свастиката ја истетовирал од патриотски причини.
Тетоважата, сепак, не била пресудна во случајот, туку неговите постови на Фејсбук и Интернет на кои ставал фотографии од германски војници со свастики и слики на Хитлер. Во една дискусија околу бегалците ги „поздравил“ своите соговорници со „Зиг Хајл“ и повикал „Да се врати Хитлер“.
За австриското обвинителство, ваквото однесување претставува ширење на нацистичка идеологија, а таквото мислење го прифатил и судот.
OhridNews