Во 2022 година на 70 години во Охрид почина Тоде Илиевски, поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, преведувач, енигматичар и шаховски проблемист.
Роден е 1952 година во село Мраморец, во Дебрца. Автор е на книгите „Ведро едро”, „Концерт за шумите”, „Изворите во горите”, „Зелен блен”, „Лов на Лебедовото Езеро“, „Приватните библиотеки во Охрид и Охридско“, ко-авторство со Виолета Мартиновска, како и „Липов чај”, „Ќерката на поетот“ поезија и „Јатките на загатките“.
Членувал во редакциите на „Јужен бран”, „Спизалит“ и „Радосна вест”. Објавил преку девет илјади енигматски состави, претежно анаграми, палиндроми и ребуси. Најголемиот дел е публикуван во „Котелец”, а помал дел во хрватски и српски енигматски списанија.
Застапен е во „Лексиконот на енигматичарите на Југославија“, како и во разни избори во енигматските списанија. Има објавено околу 450 шаховски проблеми во бројни специјализирани списанија за шах во 20 земји. Застапен е во Антологијата на македонскиот проблемски шах и во светската антологија „Албум ФИДЕ”.
Добитник е на Повелба на Св. Климент во 2002 година, добитник е на Награда на Празникот на липите за песна во 2003 и 2006 година, потоа Награда на фестивалот „Славјанска прегратка” – Варна, 2008, Награда на издавачката куќа „Феникс” за кус расказ во 2008, Награда „ Ванчо Николески” за најдобра книга за деца за 2009 и Награда „Игнација” на Балканскиот поетски фестивал „ Розите на Елбасан” во 2010 година.
Член на ДПМ беше од 1994 година.
OhridNews