Две години откако во земјава беше регистриран првиот случај на Ковид-19. Денес, вкупниот број на Ковид-дијагностицирани во земјава е 296.229 лица. Битката со вирусот ја изгубија 8.981, а бројот на активни случаи изнесува 4.644.

Продолжува и трендот на повеќе оздравени отколку заразени од Ковид-19, а со тоа опаѓа и бројот на активни случаи. Надлежните очекуваат во наредниот период да се стабилизира епидемиолошката ситуација во државата. Во меѓувреме, во тек е скринингот за имунитетот на граѓаните во Скопје и во другите градови, а продолжува и скринингот во училиштата.

Според информациите од Министерството за здравство до крајот на неделава се очекуваат првични податоци за серопреваленца во Скопје, а од следната недела и за другите градови од државата.

Од Министерството за здравство соопштуваат дека дополнително, по обработка на податоците, јавноста навремено ќе биде информирана за наодите, како и за останатите аспекти од текот на скринингот.
Деновиве, исто така се очекува Генералниот координативен кризен штаб и Владата да се произнесат за двете мерки предложени од Комисијата за заразни болести.

Мерките се однесуваат за укинување на ПЦР тестовите, потврдата за прележаност или потврдата за вакцинација при излез од земјата и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.

Во врска со првата мерка која се однесува на укинувањето на задолжителното поседување негативен ПЦР тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјата, портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ информираше оти тоа не значи дека во земјите каде се бара ПЦР тест или КОВИД-сертификат, нема да се бараат, туку дека мерката се укинува при излез од земјава на нашите гранични премини.

Во однос на укинувањето на ослободувањето од работа за бремените жени, Мехмедовиќ појасни дека предлог е оваа мерка да се укине согласно препораките од релевантна институција и од примерите од светот во кои се препорачува жените кои планираат бременост или се бремени да се вакцинираат и на тој начин да го заштитат своето здравје.

Министерот за здравство Беким Сали најавува дека од следната недела и преку матичните лекари ќе се испраќаат покани до ризичните групи на граѓани со цел тие да се вакцинираат.

Моментално како најризична група ги гледаме граѓаните над 70 години, како и оние под 70 години со коморбилитети. Затоа од следната недела преку матичните лекари ќе испраќаме покани за вакцинација на оние граѓани кои се во потенцијален ризик, изјави вчера Сали за централниот дневник на телевизија „Сител“.

Во однос на рестриктивните мерки, рече дека засега остануваат сертификатите како задолжителна обврска во моловите и угостителските објекти затоа што процентот на имунизација во земјава е се уште низок за да може да се размислува за вакви олеснувања.

OhridNews