Како да беше вчера, а поминаа две години. Во магливото утро на автопатот кај Нова Градишка згасна животот на најголемата македонска музичка ѕвезда Тоше Проески. Тоа утро страшната вест ја дочекавме со неверување, шок, се рашири со молскавична брзина и во тага се обви Крушево, Македонија и Балканот. Момчето со ангелски глас за миг се пресели на небото, меѓу ангелите. На земјата остана само болката, плачот и скршените срца на неговите обожаватели, но и на сите луѓе кои го сакаа и ценеа заради неговата добрина. Без неговата поддршка останаа многумина на кои им требаше помош, а тој насекаде несебично помагаше со добар збор и со многу отпеани концерти. Со неговата појава хуманоста доби нова димензија, покрај него сите учевме да бидеме подобри луѓе, а тој секогаш ни порачуваше дека не сака сите.

Негова публика беа и се уште се сите од седум до седумдесет и седум, неговата музика и прекрасниот глас никого не оставаа рамнодушен. Во  својот краток живот Тоше направи многу на многу полиња. Да беше жив му предвидуваа блескава светска кариера. За жал многу песни останаа неиспеани, но сепак по неговото заминување беше издаден првиот негов албум на англиски јазик кој забележа голем успех.

Во сите денови од овие изминати две години Тоше беше присутен преку неговата музика, незаборавен од луѓето, неговиот гроб стана светилиште каде реки народ од секаде доаѓаат да му се поклонат. Многумина доаѓаат со приказни дека некогаш и некаде Тоше им помогнал, па сега го посетуваат неговиот гроб и манастирот Свето Преображение, донираат средства и помагаат да се доизгради манастирот, што беше негов сон.

Тоше уште и сонуваше за свет исполнет со верба, љубов и добрина. Така и замина, сонувајќи. Во годините што доаѓаат нам ни  остави во аманет да го живееме неговиот сон.

Јасминка Т. Момироска