Две фирми се пријавиле на тендерот за уривање на дивоградби што го распиша Општина Охрид дознава OhridNews. Отворањето на понудите се изврши денеска по електронски пат, а имињата на фирмите не се соопштуваат, за да не се наруши постапката, информираат од општината. Додаваат дека тендерот е успешен затоа што е исполнет еден од условите, а тоа е да има пријавени заинтересирани фирми. Согласно критериумите на тендерот, надлежната општинска комисија наредните денови ќе врши евалуација на пристигнатите понуди, по што ќе следи јавно наддавање, односно е-аукција. Тендерот ќе го добие фирмата која ќе понуди најниска цена.

Инаку, според евиденцијата на локалната самоуправа, на територијата на општина Охрид има 1076 дивоградби, од кои 409 во заштитените зони на националниот парк, на крајбрежјетото на Охридското Езеро и во старото градско јадро. Од нив, како што неодамна изјави градоначалникот Георгиески големи објекти не се повеќе од прстите на двете раце. Останатите се потпокриви, гаражи, тераси и слично, рече тој.

Општината најави дека најпрвин ќе се врши евалуација на влијанието на нелегално изградените објекти на заштитеното природно и културно наследство, па дури потоа ќе се носат решенија за нивно уривање. За таа намена општината Охрид од буџетот издвои 1.5 милиони денари, но очекува помош од државата за справување со проблемот.

Г.М.