Во вооружена пресметка на две семејства што претпладнево се случи во струшкото село Велешта  тешко се повредени две малолетни деца на возраст од шест години.


Децата кои се повредени биле случајни минувачи, кои во моментот на престрелката оделе на училиште. Едно момче, со прострелни рани во екстремитетите е пренесено во болницата “СВ Еразмо“ во Охрид, каде е  згрижено и се наоѓа вон животна опасност.

-Се работи за повреда на десната подлактицата од огнострелно оружје. Детето сега е  во стабилна состојба, ќе треба да се изврши интервенција, обработка на раната и фиксација на скршената коска бидејќи се работи за отворена огнострелна повреда, ни изјави д-р Љупчо Богоевски од болницата Св. Еразмо.


Второто повредено  е девојче кое околу 11 часот било примено во градската болница во Струга со огнострелна рана во пределот на стомакот. Девојчето веднаш било оперирано и се наоѓа вон животна опасност.

-Од стомакот на детето беше изваден куршум кој застанал во близина на артерија. Девојчето сега се наоѓа во шок соба на интензивна нега. Тоа е  надвор од животна опасност и состојбата е стабилна, ни изјави д-р Лена Берат – хирург во градската болница во Струга.


Како што неофицијално дознавме до пресметката дошло поради долгогодишни недрозбирања помеѓу  семејствата Каба и Ќура. Претпладнето во центарот на Велешта во близина на семејната куќа А.Ќ. бил пресретнат од  двајца браќа од семејството  Каба при што настанала вербална расправија. Веднаш потоа еден од браќата отворил оган од пиштол кон А.Ќ. кој успеал да побегне во домот, каде на помош му пристапиле неговите двајца браќа кои отвориле оган од автоматско оружје. Во пукотницата ранети две деца кои случајно се нашле на местото.

-Сите петмина инволвирани во вооружената пресметка се приведени и против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава ни изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.


На местото на настанот увид изврши полиција и истражен судија. Истрагата за мотивите кои довеле до вооружената пресметка, е во тек.

ohridnews