Црвениот крст од Охрид денеска со повеќе активности го одбележа 13 Септември, Светскиот ден на прва помош. Тимот за прва помош во организацијата одржа презентација на повеќе техники за прва помош и опрема што е неопходна за спасување нечиј човечки живот. Во соработка со сообраќајната полиција и лекарски тим денеска во строгиот центар на градот беа застанати десеттина возачи на автомобили и моторцикли кои беа подложени на контрола, но и импровизираа укажување прва помош.
” Дел од возачите добро си ја завршија задачата, а некои од нив и научија дел од техниките за давање прва помош, со асистенција на нашиот стручен тим. Ним им беа поставувани и прашања од оваа проблематика”, изјави за Ohridnews претседателот на Црвениот крст, Сашо Точко.
Точко е задоволен и од одзивот на крводарителската акција што денеска се одржа по повод Денот на прва помош и во која даруваа крв 28 граѓани. Стевчо Јованоски беше најсреќниот крводарител, кого спортската обложувалница “Премиер” обезбеди ДВД плеер. Јованоски досега дарувал крв 16 пати.Активистите на охридскиот Црвен крст денеска уште еднаш ја потенцираа важноста и обврската секој субјект, организација, институција да има обучени кадри за давање прва помош и соодветна опрема за тоа.
Светскиот ден на прва помош се одбележува во повеќе од 200 земји. Четворица членови од тимот за прва помош на Црвениот крст-Охрид се во работна посета на Риека, Република Хрватска каде што по повод одбележувањето на овој ден, ќе ја презентираат програмата за прва помош.
Ohridnews