Нивните роднини немаат никаква информација за нивната состојба, но се претпоставува дека тројцата во моментов се наоѓаат на израелска територија, заедно со околу 700 лица што биле дел од хуманитарниот конвој.
Роднини на Реџепи и Емин попладнево остварија средба со претставници на македонското МНР, каде поднеле барање за дополнителни информации за состојбата на нивните роднини, што се очекува да ги добијат во текот на денот.
„Она што го кажавме во МНР е дека тие се македонски граѓани и дека целата европска и светска јавност застана зад своите граѓани да ги заштити. Истото го бараме и од Република Македонија. Бараме да се испрати протесна нота до конзуларниот претставник на Израел во Македонија и остро да го осуди овој чин кој е спротивен на меѓународното хуманитарно право и воопшто против човештвото“, изјави Мерсиха Смаиловиќ, вереница на Реџепи.
Тројцата македонски државјани биле дел од организацијата „Слобода за Палестина“, која денеска требаше да достави околу 10.000 тони хуманитарна помош за Појасот Газа.