Двајца охриѓани заболеле од вирусот на Свинскиот  грип. Ова се првите потврдени случаи на (А/H1N1) во Охрид, откако оваа заразна болест се појави во Република Македонија.

Според охридскиот Завод за здравствена заштита и двете заболени лица се со лесна клиничка слика, а поради тоа што биле навремено откриени и третирани со Тамифлу, немало потреба од  нивна  хоспитализација во инфективното одделение во Охрид. Заболените  се под постојан надзор на охридските епидемиолози. Покрај заболените, со Тамифлу превентивно се третираат и лицата кои биле во непосреден контакт со нив.

Во исто време на испитување во лабораториите во Скопје, охридскиот завод за здравствена заштита испратил и околу 18 брисеви од други охриѓани за кои постои сомневање дека се заболени од вирусот на Свински грип. Резултатите од овие испитувања  треба да се дознаат во текот на оваа седмица.

Во делот од мерките за превентива од вирусот (А/H1N1), деновиве во Охрид треба да пристигнат и првите вакцини за имунизација. Охридските епидемиолози велат дека според националната стратегија за превенција од Свинскиот грип, првата пратка на вакцините ќе биде наменета за медицинскиот персонал. Откако ќе се вакцинираат лекарите и медицинските сестри од Охридската болница, ќе биде утврден и редоследот на групите за вакцинација на населението. Во првата група на лица кои треба да бидат вакцинирани спаѓаат хронично болните, старите и трудниците.

Е.Е.