Во рамки на проектот „Денот потоа – Локални избори“, што го реализира Фондацијата Фридрих Еберт-канцеларија, денеска во хотелот „Ројал“ кандидатот за градоначалник на Охрид проф. д-р Јован Стојаноски и независниот кандидат Стевче Стевовски потпишаа обврска со која се залагаат дека ќе соработуваат со граѓанските организации доколку ја добијат довербата од граѓаните. На потпишувањата не присуствуваше кандидатот на ВМРО ДПМНЕ д-р Митко Тилевски.

Во документот кој го потпшаа кандидатите за градоначалници сублимирани се десет барања на невладини и граѓански организации кои делуваат во општина Охрид за унапредување на состојбите во утврдени општествено, социо-економски и политички области на локално ниво.

– Ќе се залагам влијанието на невладиниот сектор да се зголеми , што значи дека соработката помеѓу градоначалникот и невладиниот сектор ќе биде континуирана во текот на сите 4 години. – рече независниот кандидат Стевче Стевовски.

-Посебно ми е драго што на еден ваков формален начин склучивме договор за соработка со граѓанскиот сектор. Ние како СДСМ и досега сме ги поддржувале барањата на граѓанскиот сектор и секако дека таа соработка ќе продолжи и во иднина. Ви благодарам за испорачаните барања кои се наведени во овој документ затоа што тие се реални. Ве повикувам заедно во наредниот четиригодишен период да работиме на изнаоѓање на решенијата на овие барања. – истакна кандидатот за градоначалник на СДСМ Јован Стојаноски.

OhridNews