Двајца македонски државјани загинаа, а еден е повреден во тешка сообраќајна несреќа, што се случила во понеделник вечер околу 20:40 во Грделичката клисура, во близина на Врање, потврдија за Макфакс, извори од македонското МНР.

Според информациите на МНР, во сообраќајката животот го изгубиле дваесет и деветгодишниот Исни Бекири и триесет и двегодишниот Абдула Бекири, а повреден е триесет и петгодишниот Лирим Бекири. Најверојатно троојцата се браќа.

Во тешката сообраќајка повредени се уште четворица странски државјани, двајца сопружници и дете од Полска и еден државјанин од Хрватска.

Портпаролот на полициската управа во Врање, Драган Стаменковиќ рече дека несреќата се случила  на излезот од тунелот „Манојло“ на автопатот Врање – Лесковац.

„Во сообраќајната несреќа учествуваа два автомобили со странски регистрации и едно товарно возило со српска регистрација, а деталите ќе бидат познати по увидот кој е во тек“ рече Стаменковиќ.

Во службата за прием и згрижување на ургентни случаи во Врање, дежурната лекарка за Бета изјави дека се примени четворица тешко повредениот пациенти.

„Тројца од нив се од Полска, се работи за сопружници со дете, а еден пациент е од Хрватска“ изјави лекарката, додавајќи дека и било најавено да очекува уште повредени пациенти.

Во спасувањето на настраданите патници биле вклучени неколку екипи на итната служба од Врање, Грделица и Лесковац.

OhridNews
извор: „Макфакс“