Двајца доктори на науки и 58 магистри од подрачјето на Охридскиот регион чекаат да бидат вработени. Ова го покажува евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Македонија заклучно со месец март 2015 година. Статистичките показатели говорат дека бројот на невработени магистри пораснал за 16 лица во споредба со истиот период во 2014 година, кога биле евидентирани 42 невработени кои одбраниле магистерски труд.
Податоците на агенцијата покажуваат дека во текот на март биле евидентирани вкупно 4.891 невработени лица во Охрид. Оваа бројка е за 98 лица поголема од бројката на невработени во февруари 2015 која изнесуваше 4.793 лица. Статистичката евиденција покажува дека зголемување од 622 невработени е забележано во споредба со месец март 2014 година кога биле запишани вкупно 4.269 охриѓани кои бараат работа.
Според степенот на образование во рамки на мартовската евиденција во Охрид, запишано е 801 лице со високо образование, а работа бараат и 173 лица со виша школа и 1.417 лица со средна стручна спрема. Со непотполно средно образование работа немаат 1.103, а со основно образование 1.337 охриѓани.
Регистарот на Агенцијата за вработување покажува дека повеќе од половината невработени во Охридскиот регион се со навршени 40 години или 2.823 лица. На возраст од 30 до 40 години запишани се 952 невработени лица, а преку Центарот за вработување во Охрид вработување очекуваат и 1.106 лица, помлади од 30 години.
Според половата распределеност, во вкупната бројка на невработени охриѓани, доминират мажите со 2.682 невработени или 473 повеќе од жените, кои во евиденцијата на невработени партиципираат со 2.209 места.
OhridNews