Дваесет и три волонтери од неколку европски земји, но и од Македонија денеска собраа 17 полни вреќи со отпад од видиковец на патот за Велестово.
Пластични шишиња, влажни марамици, презервативи се некои од работите кои доминираа на овој простор кој моментално е исчистен благодарение на странските и волонтерите од земјава. – велат од Чист Охрид и Волонтерски Центар Скопје, кои заеднички ја организираа акцијата.
Во околината на видиковецот има кабаст, но и отпад затрупан во грмушки и обрасната трева, кој волонтерите не можеле да го отстранат, бидејќи, како што велат, за тоа е потребна механизација и соодветен алат.
Упатуваме порака до посетителите, а особено до младите да го собираат и да го носат своето ѓубре со себе до најблискиот контејнер. Ужасна е помислата со ѓубре да се уништува едно од поубавите места во градот, односно погледот кој го нуди видиковецот кон градот и неговите убавини. – истакнаа организаторите на акцијата.
Волонтерите ги повикаа граѓаните да се грижат за животната средина, да организираат индивидуални акции за чистење ѓубре и да се приклучуваат на нивните повици за акција.
OhridNews