Вкупно 20 икони украдени од македонските цркви, претежно од струшкиот регион утре ќе бидат вратени во Северна Македонија од страна на Албанија во рамките на договорот за соработка меѓу двете држави потпишан минатата година.
Информацијата ја потврди тимот кој работи со проектот, а детали околу тоа ќе бидат изнесени по влегувањето на иконите во земјава.
Прв пат во историјата на нашата држава се прави успешна реституција на културно наследство, благодарение на добрата соработка меѓу владите и министерствата за култура на Северна Македонија и Албанија, посочија од Министерството за култура.
Иконите, како што појасни министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, ќе бидат соодветно спакувани да не се оштетат при пренос и ќе бидат однесени во Музејот на Македонија, од каде по процесот на заштита, ќе бидат изложени, а потоа и вратени на МПЦ.
Постапката за враќање на украдените икони од Македонија од Албанија почна во 2013 година, со интенизвни активности последните две години.
Во периодот од 2009 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и Југозападна Македонија, каде што се однесоа стотици икони. Само на подрачјето на Одделението за внатрешни работи Струга, како што информира портпаролот Стефан Димоски, имало 22 пријави за „кражба“ и „тешка кражба“ на икони од цркви. Три пријави за кривични дела „тешка кражба“ во цркви во струшко, според него, имало и во 2017 година.
Кривичните дела се извршени во цркви лоцирани во Струга, Вевчани како и во селата Мали Влај, Радожда, Ташмаруништа, Долна Белица, Безево, Јабланица, Луково, Селци, Буринец, Модрич, Дренок… Во останатите години, пријавени се кражби од цркви со одземање пари и друг црковен прибор, изјави Димоски.
Незаконски одземените икони од македонските цркви случајно ги забележале нашите експерти вo 2013 на прилог со премиерот Еди Рама на албанска телевизија.
Една од иконите албанскиот премиер Рама, симболично во знак на соработка му предаде на македонскиот колега Димитар Ковачевски при потпишувањето на договорот за враќање на иконите минатата година во Скопје.
По завршувањето на овој процес за враќање на 20 – те украдени икони во земјава, предвидено е отварање на нов процес за враќање на уште еден контингент идентификувани икони во Албанија.
OhridNews