Со одделни настани на власта и на албанската опозиција денеска во Скопје ќе бидат одбележани 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.

Претходно, во 10 часот во Клубот на пратениците во Скопје, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање ќе биде одржана Панел дискусија на тема „23 години од Рамковниот договор, децентрализацијата останува предизвик”, на која покрај вицепремиерот Меџити како паналисти се најавени и министерот за локална самоуправа Златко Перински и професорите Ризван Сулејмани, Нано Ружин, Африм Османи и Бујамин Бела.

Меџити вечер ќе организира и свечен прием во Музејот на современа уметност во Скопје.

Одделна прослава, пак, ќе организира Европскиот фронт, предводен од ДУИ. Тие 23- годишнинита од Охридскиот рамковен договор, ќе ја одбележат со настан насловен „Академија за легитимитет“ што ќе се одржи напладне во хотелот Александар Палас во Скопје.

За нив е навредливо тоа што Иван Стоилковиќ е вицепремиер и министер одговорен за Охридскиот договор, иако тој самиот ниту го признава ниту го почитува. Реагираат и дека бил намален буџетот за Охридскиот договор.

Демократската унија за интеграција не може да стои со скрстени раце кога секојдневно се понижуваат Албанците и другите и кога се поништува секое достигнување во насока на еднаквоста. Затоа, го ангажиравме авторот на Охридскиот договор Пол Вилијамс и неговиот тим во ПИЛПГ да изготват правна платформа за легитимност, при што првиот нацрт е веќе поднесен и ќе биде разгледан во рамките на Европскиот фронт, а потоа и јавно со академскиот свет, невладините организации, медиумите, граѓаните, се наведува во реакцијата од ДУИ

Најавената паралелна прослава од ДУИ предизвика реакции кај Вреди, владејачката коалиција од редовите на Албанците. Министерот за здравство Арбен Таравари ваквиот чекор на ДУИ го оцени како „приватна журка и забава“.

ДУИ некако секогаш има претензии да ги приватизира одредени настани. Се уште не можат да прифатат дека се опозиција, меѓутоа им треба време и ќе се навикнат на тоа. Ќе прифатат приватни журки, забави може секој да организира. Ние ги повикавме на утрешниот настан којшто го организира Владата на Република Македонија, добредојдени се, а приватни журки нека продолжат нека си организираат, изјави вчера Таравари.

Тој истакна дека историските настани никогаш не биле приватна припадност на некој, секогаш ќе бидат настани коишто им припаѓаат на граѓаните коишто живат тука.

И пратеничката Саранда Имери од коалицијата „Вреди“ во петокот го повика лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да присуствува на државното одбележување на годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор од 2001 година.

Таа истакна дека повод за нејзиното обраќање е обидот, како што рече, „да се приватизира еден светол датум во албанската историја“.

Пред 23 години беше испишано ново поглавје во историјата на Македонија кога беше потпишан Охридскиот договор. За мене како ќерка на Имер Имери, еден од потписниците на овој историски договор, ова претставува многу повеќе од политички документ. Тоа е наследство на една генерација која се бореше за подобра иднина и заедничко општество. Чувствувам огорченост кога гледам како еден датум кој треба да не обедини се користи за тесно партиски интереси, рече Сандра Имери.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти.

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

За успешна имплементација на договорот, беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформираше во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во основните принципи на документот се наведува дека „целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели“. – Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците, се додава во документот. Потоа следуваат точки што се однесуваат на прекин на непријателствата, развој на децентрализирана власт, недискриминација и правична застапеност, посебни собраниски процедури, образование и употреба на јазиците, изразување на идентитет и имплементација.

Договорот содржи и три Анекси: А.Уставни амандмани; Б. Измени во законодавството и Ц. Имплементација и мерки за градење доверба, како и завршни одредби.

OhridNews