Дваесет и шест јапонски цреши денеска беа засадени во паркот на градскиот кеј, во рамки на акцијата на Македонски шуми во знак на сеќавање на прерано починатата музичка ѕвезда.


-Идејата е на ваков начин да се зачува ликот и делото на Тоше Проески. По тој повод ЈП „Македонски шуми“ обезбедија 26 садници калемени јапонски црши, сега е поволен период за нивно засадување и сметам дека ќе имаме успешна активност и дека ќе имаме долгогодишен спомен, истакна Зоран од ЈП „Македонски Шуми“.


Акцијата  денеска се одвива во триесетина градови, а во неа активно се вклучи охридската локална самоуправа. Во спомен на Тоше цреши засадија градоначалникот Александар Петрески и претседателот на градскиот совет Душко Јаковчески.


-Денеска уште еднаш се потсетуваме на нашиот Тоше, кој никогаш не исчезна од нашите мисли и затоа засадуваме 26 јапонски цреши, колку што имаше години музичкиот гениј и се надевам дека граѓаните ќе ги негуваат, а тие ќе го красат Охрид, рече Петрески.

На пролет општина Охрид ќе спроведе уште една акција за разубавување на градот, при што ќе бидат засадени близу 100 јапонски цреши-донација од светски познатиот филозоф Даисеку Икеда.

Ohridnews