„Митрополитот Тимотеј со својата посветеност кон Бога и народот, чувањето и возобновувањето на духовните центри во Дебарско-кичевската епархија е пример кој треба да се почитува и следи“. Ова го истакна поглаварот на Македонската православна црква-МПЦ Г.Г. Стефан, на промоцијата на јубилејниот зборник „25 години митрополит Тимотеј“,што се одржа денеска во катедралната црква Света Софија.
Делото на г. Тимотеј за пример, рече архиепископот Стефан
Покрај возобновувањето на Плаошник, конаците во Свети Наум и Свети Јован Бигорски како и на црквата Света Богородица – Пречиста во Кичево, Г. Тимотеј има осветено над 150 цркви и други духовни светилишта во Македонија и Австралија, што го одликува како неуморен неимар, рече поглаварот Стефан.
Г.Г. Стефан и академик Цветан Грозданов-промотори на зборникот
За време на неговото раководење со дебарско-кичевската епархија во периодот од 1981-2006 година, се издадени и над 100 книги монографии и други книжевни дела во тираж од 180 илјади примероци. Според академик Цветан Грозданов, зборникот посветен на Г. Тимотеј, во кој се содржани научни студии на 15 автори има огромно значење за археологијата и историјата и ќе остави длабоки траги во македонската наука, култура и уметност.
Зборникот има извонредно научно значење-акад. Ц. Грозданов
„Во оваа извонредно значајна книга за прв пат се објавуваат некои научни трудови, што на делото му даваат посебна тежина“, посочи академик Грозданов. Меѓу таквите е и фреската од 15 век од манастир на Косово каде за прв пат заедно еден до друг се насликани Свети Климент Охридски и Свети Сава. Манастирот сега е срушен, а фреската ја документирал академикот Вељко Суботиќ. Научните трудови во ова дело ќе бидат и од извонредна важност при возобновувањето на Свети Климентовиот храм на Плаошник, додаде Грозданов.
горд на тоа што го направил-минтрополитот Тимотеј
„Најзначајно е тоа што книгата ќе остане и кога нас повеќе ќе не нема на земјата и ќе сведочи за едно време во кое ние сме делувале, но најважно од се е што во него се поместени извонредно значајни научни дела кои верувам ќе најдат своја примена. Ќе останат многу фотографии на ктитори кои дале свој прилог во возобновување на многу свети места и подзаборавени цркви, манастири и конаци“, рече владиката Тимотеј. Можам да се пофалам дека после 26 години направивме многу во Дебарско кичевската епархија, почнувајќи од заштитата на Света Софија па до манастирот Свети Наум со конаците и благодарен сум му на Бога што ми даде една историска можност да го направам тоа, рече митрополитот Тимотеј.
на промоцијата присуствуваа голем број гости
Јубилејниот зборник „25 години митрополит Тимотеј“ е дело наменето за одреден круг читатели и е испечатено во 500 примероци. На промоцијата на зборникот во црквата Света Софија присуствуваа повеќе владици членови на Светиот архиерејски синод, јавни личности, претставници на локалната самоуправа и верници.
Горан Момироски
фото: Васко Бујароски