Вевчанци со „протест против насилството“синоќа ја одбележаа дваесет годишнината од интервенцијата на специјалните полициски сили врз локалното население кое се спротистави на намерите на тогашните политички моќници водата од познатите Вевчански извори да биде пренасочена во елитната викенд населба Елен Камен.
На протестниот собир беше прочитана Декларацијата која вевчанци бараат да биде усвоена од републичкото Собрание. Со неа за ништовни се прогласуваат сите акти на сите институции во кои директно се препознава инструирана колективна вина на вевчанци и се осудуваат насилствата врз нив во периодот 1945-2000 година.
Од протестниот собир против насилството
Се осудува и употребата на несоодветни специјални воени и полициски сили и се осудува наметната специјална војна преку масовни сослушувања на деца, како и злоупотребата на полициските и судските органи во масовните прогони, незаконски притвори и судски пресуди.
На протестот беа врачени и признанијата за придонес за Вевчани на семејството на починатиот д-р Светозар Чочороски, на Викторија Поточник тогашен словенечки делегат во Собранието на Југославија и на семејството на починатиот новинар Жарко Рајковиќ, автор на книгата „Вевчани“: кој ќе ги измие рацете?
Одликуваните и градоначалникот на Вевчани Радиноски
Никогаш немојте да заборавите младите да ги пуштите на школо да се образуваат до најголема мерка зошто само знаењето може да не штити од будалите, им порача Поточник на вевчанци, заблагодарувајќи се во име на одликуваните. Чувајте ја животната средина бидејќи веќе ја користиме до максимум. Овде во Вевчани знаевте да ја чувате животната средина и со своите тела да го штитите највредното на светот-водата и вашите извори секогаш нека ви даваат сила и енергија, додаде Поточник.
Г. Момироски