Со низа настани под слоганот „По Охрид“ во земјава се одбележува 20 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во 2001 година.
Потписници на Охридскиот рамковен договор се тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.
Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ Франсоа Леотар и на САД Џејмс Пердју.
Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти, а во одредени написи што излегоа во текот на годините и Али Ахмети, кој ја предводеше ОНА. Договорот беше потпишан на 13 август во претседателската резиденција на Водно во Скопје.
Во основните принципи на документот се наведува дека
Целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели. Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот, и за унапредување на почитувањето на идентитетот на заедниците“.
Потоа следуваат точки што се однесуваат на Прекин на непријателствата, развој на децентрализирана власт, Недискриминација и правична застапеност, Посебни собраниски процедури, Образование и употреба на јазиците, Изразување на идентитет и Имплементација. Договорот содржи и три Анекси: А.Уставни амандмани; Б. Измени во законодавството и Ц. Имплементација и мерки за градење доверба, како и завршни одредби.
Во контекст на спроведувањето на Договорот, во 2004 година беше основан Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, којшто сега прерасна во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Секретаријатот имаше задача целосно да го спроведе договорот и да обезбеди административна и стручна поддршка на заменик претседателот на Владата задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор. Токму сегашното Министерствот е организатор и ги предводи настаните за одбележување на 20 – годишнината од потпишувањето на договорот.
Централниот настан за одбележување на 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор е организиран во соработка со Универзитетот Колумбија од Њујорк и ќе се одржи денеска во скопскиот хотел Александар Палас, а поканети се над 200 гости. Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби најави конференција со три панели и, меѓу другите, обраќања на претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Иако поканети, како потписници на Договорот, на настанот нема да се обратат поранешниот претседател на државата, премиер и лидер на политичката партија СДСМ Бранко Црвенковски и поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Гергиевски. Најавени се и Хавиер Солана и Џорџ Робертсон, амбасадори на ЕУ, САД, НАТО и ОБСЕ, како и Питер Фејт, Пол Вилијамс, Бренда Пиерсон, Давид Син, Роберт Сери и Ветон Сурои