Ракописна верзија на песната на Боб Дилан “Like a rolling stone” ќе биде понудена на аукција следниот месец во Њујорк, а куќата „Сотби“ очекува да ја продаде за еден до два милиони долари, јавуваат агенциите. Текстот на песната од 1965 година е „најважното парче рок материјал кое досега е понудено на аукција“, оценуваат во аукциската куќа. Претстојната продажба е дел од низата аукции на тема „рок и поп“, а закажана е за 24 јуни.
Една од најпознатите песни на Дилан “Like a rolling stone” се смета, поради посебниот стил и аранжман, за една од највлијателните. Списанието „Ролинг стоун“ ја сврстило меѓу 500 најголеми песни на сите времиња. „Сотби“ се надева дека со оваа аукција ќе го надмине рекордот кој за ракопис на некоја рок песна го држи Џон Ленон со “A day in the life”, која во 2010 година е продадена за 1,2 милиони долари.